Пожарот во Карпош 4 целосно локализиран, екипите продолжуваат со контрола

Директорот на Центарот за управување со кризи Мухамед Али соопшти дека пожарот во Карпош 4 целосно локализиран. Дел од екипите на Бригадата за противпожарна заштита остануваат на терен за дополнителен надзор.

Претходно било соопштено дека пожарот зафатил поранешен објект на фирмата Макотекст, на улица Никола Парапунов покрај Кејот на Вардар, кај мостот Обединети Нации. Во еден дел од објектот се наоѓа сервис за возила и барака со бои, лакови и други хемикалии.

Воздухоплов на Дирекцијата за заштита и спасување, кој се враќал од поддршка во Маврово-Ростуше, забележал густ чад и исфрлил вода за дополнително гаснење на пожарот.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, претходно информираше дека во гаснењето учествуваат повеќе возила и екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Акцијата се спроведува под водство на командирот на единицата, Звонко Томовски. Исто така, нема информации за повредени или настрадани лица.