Мерења на воздухот и инспекциски надзор во тек
Борбата со пожарот во складиштето за рециклирање отпад во Трубарево траеше повеќе од 15 часа, а пожарот е целосно изгаснат и локализиран, информираше министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити на прес-конференција во Владата.
„Веднаш е ангажирана акредитирана лабораторија за мерење на квалитетот на воздухот, која ќе продолжи со мерења и во наредните денови,“ рече Меџити.
Тој посочи дека објектот на компанијата „Ф Групација“ располага со важечка дозвола за управување со отпад издадена од Министерството во 2021 година, со важност до 2031 година.
Министерот објасни дека веднаш по добивањето информација за пожарот, државниот инспекторат се упатил на терен, а акредитирани лаборатории како „Еуромак контрол“ и лабораторијата при МЖСПП извршиле мерења на квалитетот на амбиентниот воздух. Посебна единица на АРМ го проверила радиобилошкото и хемиското загадување.
„Дополнителни мерења ќе изврши лабораторијата Амбикон од Штипскиот универзитет во наредните пет дена, со поставување на посебен станичен инструмент,“ додаде Меџити.
Тој нагласи дека е започнат административен инспекциски надзор кај правниот субјект и дека ќе бидат преземени сите потребни мерки, вклучувајќи земање мостри од почвата и вештачење за утврдување на загадувањето.
„Државните институции ќе останат на терен се додека не се расветлат сите аспекти на случајот. Вашата безбедност е наш приоритет,“ рече Меџити.
Министерот потсети дека ова е третиот пожар на отпад за краток период, веднаш по инцидентите во Вардариште и Дрисла, и дека ситуацијата бара сериозна институционална мобилизација. Тој најави дека причинителите ќе бидат јавно објавени откако инцидентот ќе се расветли.
На новинарски прашања за природата на материите кои се шират во воздухот и времето кога ќе има резултати, Меџити одговори дека денеска ќе бидат познати сите информации и ќе бидат соопштени транспарентно.
Министерот истакна дека фирмата што го управувала отпадот не била сместена во куќа, туку во хали со важечка дозвола до 2031 година, и дека инспекторатот и акредитираните лаборатории од првиот момент вршат контроли на терен.