Детали за разговорите со амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати, за новите законски решенија за боледување и за очекуваните странски инвестиции побара пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Весна Ѓорѓиева, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања. Таа упати три прашања до министерот за транспорт, министерот за здравство и заменик-министерот за економија.
Во делот за транспортот, Ѓорѓиева побара да се објасни за што конкретно се разговарало и што било договорено на денешната средба на министерот со амбасадорот на ОАЕ. Притоа, ја нагласи важноста на транспортното поврзување со другите држави за економскиот развој на земјата.
„Транспортната поврзаност е од особено значење за нашата земја со другите земји. Многу зависи таа транспортна поврзаност и за економските развојни цели и развојот нашата држава. Денеска ние бевме сведоци каде што вие имавте средба со амбасадорот на Обединетите Арапски Eмирати и навистина мене како пратеник, а и посебно македонската јавност да види, да разбере и да знае што денеска договоривте заедно со амбасадорот на на Обединетите Арапски Емирати“, истакна Ѓорѓиева.
Од министерот за здравство, пратеничката побара информации за новите законски решенија што се однесуваат на боледувањата, вклучително и за условите и постапката за нивно користење и продолжување. Таа се осврна на јавните изјави за можни злоупотреби и посочи дека мора да се разликуваат таквите случаи од оправданата потреба на работниците да отсуствуваат поради здравствени причини.
„Имајќи во предвид дека правото на боледување е право на секој осигуреник, на секој работник и како работничко право е особено големо значење за сите осигуреници. Во последно време ние гледаме во медиумите на социјалните мрежи изјави од министерот, изјави од министерот за внатрешни работи каде што гледаме дека делот во користењето на боледувањата има некои си негативности, односно издавање боледувања на лица коишто навистина не се за ааа а медицински третман, односно да не речам злоупотреба на издавањето на боледувањата. А имајќи во предвид дека боледувањето е директно поврзано со заштитата на здравјето и работничките права, но исто време има и значење и за правата на работодавецот и функционирањето на целиот работен процес, а и функционирањето на системот на здравствена и социјална заштита. сметам дека е важно да се направи јасна разлика меѓу работниците кои имаат реална и медицинска оправдана потреба од боледување и евентуалните случаи на злоупотреба на ова право“, кажа Ѓорѓиева.
Третото прашање го упати до заменик-министерот за економија и се однесуваше на резултатите во привлекувањето странски директни инвестиции. Ѓорѓиева побара податоци за инвеститорите што се очекуваат, секторите во кои би вложувале и придобивките за вработувањето, извозот, преносот на технологии и знаење, како и за соработката со домашните компании.
„Какви конкретни резултати има постигнато Министерството за економија во привлекувањето на странските инвестиции? Кои нови инвестиции, инвеститори се очекуваат во наредниот период? Во кои на сектори ќе бидат насочени овие инвестиции и колкав придонес се очекува да имаат во отварањето на нови поквалитетни работни места, зголемувањето извозот, трансферот на нови технологии, знаењето и поврзувањето на странските инвеститори со домашните компании“.
