Движењето ЗНАМ нема да отстапи од својот став дека правосудниот испит мора да се полага исклучиво на македонски јазик, ниту пак ќе прифати земјава повторно да прави еднострани компромиси во делот на уставните измени. За овие фундаментални прашања нема простор за политички пазарења, нема импровизации и нема отстапување од државните интереси.

Во врска со одржувањето на правосудниот испит, партискиот лидер посочи дека станува збор за прашање што ги надминува дневнополитичките калкулации и директно влијае врз уставниот поредок и функционирањето на целиот правосуден систем.

„Премиерот апсолутно го знае нашиот став. Подготвени сме за разговори, но ќе побарам лидерска средба со владините партнери за отворено да ги дефинираме црвените линии. Ова не е прашање за дневнополитичко надмудрување, туку прашање за иднината на државата и правосудниот систем. За ЗНАМ тука нема простор за импровизации и политички пазарења. Правосудниот испит ќе се полага само на македонски јазик“, вели Димитриевски.

Осврнувајќи се на темата за уставните измени и евроинтегративниот пат, тој подвлече дека партијата останува цврсто на предлогот за одложено дејство на уставните амандмани и дека државата не смее континуирано да прави концесии без взаемно почитување. Европската перспектива не може да претставува оправдување за загрозување на националниот идентитет, достоинството и македонскиот јазик.

„Ставот на ЗНАМ е јасен. Предлогот за одложено дејство на уставните амандмани е на маса, но не може Македонија постојано да прави отстапки, а од другата страна да нема ниту еден чекор кон почитување на правата на Македонците. Постојат пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Нека испочитуваат барем една од нив. Доста е Македонија да биде единствената страна од која постојано се бара да попушта. Ако сакаме да одиме напред, мора да има реципроцитет!“, порача Димитриевски.

Од партијата дополнително порачуваат дека остануваат доследни на принципите и преземената одговорност пред граѓаните, истакнувајќи дека европската иднина не смее да се темели врз уцени и двојни аршини.

„Македонија сака да биде дел од Европската Унија, но како достоинствена држава, со заштитен македонски јазик, идентитет и уставен поредок. За ЗНАМ, државните интереси не се предмет на компромис, туку обврска што мора да се брани!“, нагласуваат од партијата.