Богослужби, трпеза и празнична програма

Во Пустец, Мала Преспа, македонската заедница повторно ја одбележа традиционалната прослава на Свети Архангел Михаил, нивниот заштитник. На плоштадот „Гоце Делчев“ и пред црквата која го носи името на светецот, жителите од сите населени места во општината се собраа за да ја искажaат својата вера и да ја почитуваат наследената традиција.

Прославата започна синоќа со вечерна богослужба, продолжи со утрена служба и Света Божествена Литургија, што ја отслужи отец Алексо Темелко. По богослужбата следеше трпеза за верниците, а вечерта кулминираше со музичка програма со македонски песни и ора.

„Нека ни е честит овој голем празник и вечно да го славиме. Да продолжиме и ние и нашите поколенија, по стапките на нашите претходници. Го прославуваме нашиот најсилен и најмоќен заштитник на верата и на сите православни верници. Нека не благослови со здравје и среќа и да не заштити од секакво зло“, посака отец Темелко.

Македонците ги негуваат традициите

Со заедницата беше и Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ, кој рече:

„Запалив свеќа и се помолив за здравје и напредок на сите Македонци каде и да се. Нека не благослови големиот Архангел Михаил, и нас и нашата татковина Македонија.“

Честитки од локалната власт

Градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, преку објава на Фејсбук им го честиташе празникот на сите жители, нагласувајќи ја важноста на овој ден за заедницата.