Општина Центар распишува Јавен повик за доделување еднократна финансиска поддршка наменета за пензионери со пензии до 20.122 денари, кои се жители на Општината. Јавниот повик е отворен од денеска 21.11.2023 година, заклучно до 06.12.2023 година.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски појасни дека висината на еднократната финансиска поддршка изнесува вкупно 3.500.000 денари односно по 2.000,00 денари од корисник, а исплатата ќе биде по принципот „прв дојден – прв услужен“, се до исцрпување на средствата во Буџетот на Општина Центар, Скопје за 2023 година.
Во пресрет на претстојните новогодишни празници и семејни слави верувам дека овие средства ќе им помогнат на нашите повозрасни сограѓани да ја збогатат трпезата или да ги олеснат семејните трошоци. Општина Центар втора година по ред обезбедува поддршка за повозрасните граѓани во општината, пензионерите. Искрено верувам дека оваа помош ќе биде добредојдена. Затоа ги повикувам граѓаните кои ги исполнуваат условите да аплицираат на Јавниот повик и станат корисници на мерката – изјави Герасимовски.
За остварување на правото на користење на финансиската поддршка, заинтересираните граѓани треба да бидат корисници на старосна, семејна или инвалидска пензија не повисока од 20.122,00 денари и да бидат жители на Општина Центар-Скопје. Граѓаните кои ги исполнуваат овие услови ќе треба да поднесат: Барање за доделување на финансиска поддршка на пензионери во социјален ризик, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и доказ од последна примена пензија (потврда/чек издаден од Банката во која се прима пензијата, за последните 2 месеци, односно за септември или октомври 2023 година). Барањето за доделување на финансиска поддршка за пензионери во социјален ризик е достапно во просториите на Општина Центар-Скопје (архива на Општина Центар-Скопје, барака 6) и на веб страната на Општина Центар-Скопје https://www.centar.gov.mk/?p=19130. Потребната документација може да се достави секој работен ден во барака 6 (Сала на Совет на Општина Центар – Скопје), од 09.00 до 14.00 часот.
Комисијата за селекција, формирана од Градоначалникот на Општина Центар-Скопје, ќе ги разгледува и ќе одлучува по поднесените барања за остварување на правото за финансиска поддршка. На пензионерите што аплицирале и ги исполниле потребните критериуми, Општина Центар-Скопје ќе изготви Решенија за доделување на финансиска поддршка. Исплатата на предвидениот износ за финансиска поддршка (во висина од 2.000,00 денари), ќе ја изврши Секторот за финансиски прашања на Општина Центар-Скопје, директно на трансакциските сметки кои барателите ги доставиле како потребна документација. Исплатата ќе биде реализирана до крајот на 2023 година.
Општина Центар ги повикува сите пензионери, кои се корисници на старосна, семејна или инвалидска пензија и ги исполнуваат потребните критериуми, да аплицираат и да го остварат правото за доделување на финансиска поддршка.