Семејството на Југослав Николовски бара правда
„Прегазувањето на мојот татко не може да се прикаже како несреќен случај или обичен инцидент“, изјави Маја Бошковска, ќерка на 68-годишниот Југослав Николовски, реагирајќи по последното рочиште во Основен кривичен суд во Скопје.
Прегазен на пешачка патека пред домот
Семејството на Југослав Николовски бара правда по трагичното прегазување на пешачка патека. Според Бошковска, трагичниот настан се случил на пешачка патека пред нивниот дом, простор што секојдневно го користат граѓани, меѓу кои и деца. Таа нагласи дека обидите на обвинетиот случајот да го прикаже како случајност се неприфатливи за семејството и не одговараат на фактите изнесени пред судот.
Управувал мотор без дозвола и кацига
Како што посочи Бошковска, обвинетиот во моментот на инцидентот управувал мотоцикл „кавасаки“ без возачка дозвола и без заштитна кацига. Дополнително, по настанот, тој бил во бегство два дена, што, според семејството, не може да се третира како однесување поврзано со несреќен случај, туку како сериозна и свесна неодговорност со трагични последици.
Пресудата закажана за 29 декември
Судската постапка во меѓувреме влезе во завршна фаза. По изнесувањето на завршните зборови од обвинителството и одбраната, изрекувањето на пресудата е закажано за 29 декември. Семејството на жртвата очекува строга и праведна одлука, со која, како што велат, ќе се испрати јасна порака дека сообраќајното насилство не смее да се релативизира.
