Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази подготвеност за одржување директна средба со рускиот претседател Владимир Путин во Турција, нагласувајќи ја важната улога на официјална Анкара во дипломатскиот процес. Тој посочи дека турското раководство има воспоставено функционална комуникација со Москва, што отвора простор за посредничка улога.
„Знам дека претседателот Ердоган има свои врски со Путин. Затоа го поддржуваме одржувањето на средбата во Турција“, изјави Зеленски.
Според неговите очекувања, меѓу главните теми на евентуалната средба треба да бидат прекинот на огнот долж целата линија на фронтот и воспоставувањето меѓународен механизам за следење на почитувањето на постигнатите договори. Украинскиот лидер додаде дека шефовите на државите мора да разговараат и за безбедносните гаранции, сеопфатната обнова на Украина и за статусот на окупираните територии.
Сепак, Зеленски категорично ја отфрли можноста да ги прифати барањата на Путин Украина да го предаде Донбас или официјално да го признае Крим како руска територија. Тој потенцираше дека таквите територијални отстапки би биле директно спротивни на украинскиот устав.
