Проценка на статусот за зачувување на состојбата, особено бројноста на преспанската пастрмка во Брајчинска, Кранска и Лева Река преку активности за заштита и следење, е целта на проектот „Мониторинг и конзервација на ендемската и загрозена пастрмка Salmo peristericus во Националниот парк Пелистер и Преспанскиот регион“, финансиран од PONT (Prespa Ohrid Natuture Trust) и CEPF (Critical Ecosystem Partnership Fund).
Во рамки на проектот денеска на Брајчинска река, во близина на селото Брајчино беше демонстрирана методологијата за истражување на рибите, на која присустуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, заменик министерката за животна средина, Христина Оџаклиеска, градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, претставничката од PONT Марија де Конинг и координаторот на проектот, професорката од земјоделскиот факултет Силвана Манасиевска –Симиќ.
Резултатите од проектот, според министерот Хоџа, ќе бидат солидна база за натамошно креирање на политиките.
– Резултатите ќе бидат база за изработка на риболовните основи, кои претставуваат научни и стручни студии за начинот на стопанисување со рибите во риболовните води. Се надевам дека заштитата на брајчинската пастрмка нема да прекине со завршување на проектот, туку напротив проектот ќе претставува поттик за натамошно заедничко работење на институциите кои се инволвирани во оваа проблематика, рече Хоџа.
Целта на Министерството, нагласи, е да се заштитат и другите ендемски видови, кои живеат во водите на реките и езерата во државата.
Грижата за животната средина, како што подвлече, е на врвот на приоритет на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– Зачувувањето на биодиверзитетот и автохтоните видови се наша должност кон природата и кон идните генерации на кои треба да оставиме зачувана здрава и еколошка средина, истакна Хоџа.
Обезбедувањето на поволна состојба на зачуваност на видовите и нивните природни живеалишта, според заменик министерката за животна средина Оџаклиеска претставува приоритетна цел на Министерството.
– Со тоа се обезбедува поефикасна имплементација на националното законодавство за заштита на природата и на европските директиви за зачувување на природните живеалишта и на дивата флора и фауна и директивата за зачувување на дивите птици, како најважни инструменти на ЕУ за заштита на природата, истакна Оџаклиеска.
Министерстовото, нагласи, континуирано спроведува активности за имплементација на мерки и активности од националните стратегии за заштита на природата и за биолошка разновидност со подготвени акциски планови.
– Се надевам дека податоците добиени од проектот „Мониторинг и конзервација на ендемската и загрозена пастрмка (Salmo peristericus) во Националниот парк Пелистер и Преспанскиот регион“ ќе имаат и апликативна функција во спроведувањето на политиките за заштита на биодиверзитетот, ќе ја збогатат научната база на податоци за преспанската поточна пастрмка и ќе придонесат за утврдување на состојбата со популацијата на овој вид во Националниот парк Пелистер и неговата околина, рече Оџаклиеска.
Претставничката на PONT Мирјам де Конинг, потсети дека преку оваа програма се финансирани голем број проекти во Охридско-преспанскиот регион.
Професорката Манасиевска – Симиќ, која е координатор на проектот изрази уверување дека од теренската работа ќе произлезе акциски план, кој ќе помогне во заштита на автохтоните видови во Преспаснкиот регион, односно во Брајчинска, Кранска и Лева Река.
Заедничката соработка и размената на идеи на сите засегнати страни, според градоначалникот Гошаревски, е клучна во зачувување на нашето природно богатство.
-Изработка на студијата за проценка на преспанската пастрмка ќе придонесе за подготвување на акцискиот план за нејзина конзервација и подобрена програма за долгорочен мониторинг, но ќе придонесе и во подигнувањето на свеста меѓу локалните националните и меѓународните засегнати страни за потреба од зачувување на водните видови, истакна Гошаревски.
Освен овој проект, POINT финансира 15-тина инцијативи во Преспа, во С. Македонија, Албанија и Грција.