Во Македонскиот народен театар вечерва претпремиерно ќе биде изведена драмата „Црно злато“, работена по текст на Дејан Дуковски и во режија на Слободан Унковски, додека официјалната премиера е закажана за петок, 27 ноември, на Големата сцена.

Во средиштето на драмата е поставено семејство во кое ненадејното враќање на Анѓела ги отвора долгогодишните премолчени конфликти. Преку комплексните релации меѓу родителите и децата, претставата длабоко ги третира прашањата за родовиот идентитет, прифаќањето на различните од себе и тешките последици од општествената транзиција.

Режисерот Унковски посочи дека во интензивната работа со актерската екипа, акцентот бил ставен на сценските настани, динамиката и енергијата, обидувајќи се преку дилемите на ликовите да отворат расправа за различните форми на љубов, семејната комуникација и личниот идентитет.

Драматургот Дуковски истакна дека почетниот творечки мотив го пронашол во познатата драма „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле, посветувајќи му го текстот на својот професор Горан Стефановски. За него ова е десетти театарски проект во МНТ и петта заедничка соработка со режисерот Унковски.

„Затоа што Горан е мојот учител. Многу научив од Горан, за драматургија и општо за животот“, вели Дуковски.

Тој појасни дека насловот директно асоцира на опиумот и парите што ги генерирал, потсетувајќи дека Македонија кон крајот на 19 и почетокот на 20 век претставувала значаен производител на висококвалитетен опиум во меѓународни рамки.

Главната улога на Анѓела ја толкува актерката Камка Тоциновски, која на ликот работела два месеца, посочувајќи дека најголем предизвик биле брзите емотивни промени. Таа додаде дека враќањето на ликот во семејната средина ги става на сериозен испит длабоко вкоренетите патријархални норми.

„И мислам дека клучната реплика во оваа драма е ‘Ние некаде тргнавме, ама никаде не стигнавме’“, рече Тоциновски.

Актерот Јовица Михајловски, кој ја игра улогата на таткото Димитрие, нагласи дека во ликот јасно препознава архетип што произлегува од строга патријархална средина склона кон отфрлање на различностите, додека директорот на МНТ, Никола Кимовски, упати благодарност до целокупниот креативен и технички тим.

Покрај Михајловски и Тоциновски, во претставата играат Мими Таневска, Нела Павловска, Григор Јовановски, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски и Аксел Мехмет. Сценографијата ја изработи Бранко Хојник, костимографијата е на Александар Ношпал, музиката на Златко Ориѓански, асистентка на режисерот е Звездана Ангеловска, асистент на сценографот Мартин Манев, асистент на костимографот Никола Булески, додека извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен.

Праизведбата на драмата се одржа во март во Белградскиот драмски театар во режија на Оливер Фрљиќ, со која подоцна беше отворен фестивалот РУТА во Скопје. Унковски најави и нова заедничка соработка со Дуковски на адаптација на романот „Мајсторот и Маргарита“ за театар во Солун, чија премиера се очекува во 2027 година, а претставата „Црно злато“ по премиерата ќе се прикажува на репертоарот на 1, 4 и 29 декември.