Љупчо Пренџов, пратеник во Собранието на Република Македонија на денешниот протест кој е организиран од ВМРО-ДПМНЕ под мотото „Доста е, Излези за Македонија“ истакна дека овие протести се организираат затоа што никој не знае што се случува и за што се преговара од страна на власта. Тој исто така порача дека никој не му дал овластување на Владо Бучковски да преговара во името на целиот македонски народ.

-Она кое што сакам да го истакнам е тоа дека сите 120 пратеници во Собранието, целокупната македонска јавност и најголем дел од владините министри не знаат што се случува, кој за што преговара и што е на масата, што е во рамката, што не е во рамката. Никој не гласал на избори и никој не го огласил господинот Владо Бучковски да преговара во името на целиот македонски народ односно кога мислам на македонски народ мислам на македонска нација бидејќи сите оние Албанци, Турци, Власи и Роми кои што живеат во Република Македонија ако било кој ги праша ќе знаат дека нивните сограѓани Македонци не се дрво без корен и не се паричка за поткусурување во балканските византиски игри, рече Пренџов.

Пратеникот Пренџов посочи дека со ваквите протести бараат народот да знае што се случува и бараат еден општествено-политички консензус во врска со преговорите со Бугарија или со било кој друг сосед.

-Во име на тоа денеска повторно протестираме, го дигаме гласот, алармираме, бараме демократија, бараме народот да знае што се случува, бараме Собранието да дискутира и бараме нешто што е нормално, а тоа е еден општествено-политички консензус во врска со преговорите со Бугарија или со било кој друг сосед, додаде тој.