Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, ја врачи Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2025 година.
Лауреати на Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2025 година се авторите Искра Лековска и Владимир Лековски од архитектонското студио „Лелелеле“, за проектот Православен храм – црква „Св. Рамноапостоли цар Константин и царица Елена“ во Скопје.
Таа истакна дека наградувањето не е ларпурлартизам, ниту се наградуваат само резултатот и творбата, туку се евалуира процесот на истражување, трагање, компарирање, сомневање, преиспитување, kако и одговорниот однос кон просторот и луѓето во него.
Според неа, изборот на добитниците се темели на строга и аргументирана стручна обсервација на делата, во потрага по она што ги надминува професионалните стандарди и воспоставува нови критериуми во современата архитектонска практика.
Претседателката потсети дека архитектурата, како триаголник на наука, уметност и општествен ангажман, има суштинско влијание врз убавината и функционалноста на јавниот простор, односно врз квалитетот на урбаното живеење.
Во услови на забрзана урбанизација, финансиски интереси и економски притисоци, архитектот, според неа, има обврска да го штити јавниот интерес и да го брани јавниот простор, просторот како заедничко добро, градејќи рамнотежа меѓу потребите на сегашноста и одговорноста кон иднината.
За авторите на награденото архитектонско дело, црквата „Св. Константин и Св. Елена“ е метафора за македонската колективна меморија и идентитет и ја персонифицира хармонијата меѓу небото и земјата, духовното и световното, традицијата и современоста.
Претседателката им честиташе на добитниците, потенцирајќи дека наградата има силна, едукативна и инспиративна вредност за архитектонската фела и за младите архитекти!
