Претседателката Сиљановска Давкова упати честитка по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

„Со гордост и длабока почит се сеќаваме на осумдесетгодишнината од ослободувањето на Скопје – настан што останува врежан во вечниот паметник на нашата историја.

Делото на оние кои ја положија својата младост, својот живот и своите идеали за слободата на нашиот главен град претставува непоколеблива основа на нашата сегашност, постојан потсетник за нашата должност да го зачуваме и да го воздигнеме она што тие го создадоа. Како партизанска ќерка, израсната во овој град, ја чувствувам таа историја како своја.

Скопје – градот убав, сведочи за културата што растеше и се обликуваше низ годините, за образованието, што останува наш завет за идните поколенија, за науката и уметноста, кои го исполнуваат со возвишен дух и инспирација.

Оваа слобода, за која некогаш се бореле со оружје и страдање, денес бара од нас да вложиме знаење, труд и солидарност.

Нека нивната жртва остане наш вечен патоказ – за Скопје, за Македонија и за идните генерации.“