Како што јави дописникот на МИА од Белград, Политика пишува дека изборната трка ќе почне откако учесниците во меѓупартискиот дијалог со опозицијата, што е во тек, за подобрување на изборните услови „формално ќе постигнат договор“.
-Неколку состаноци на Извршниот одбор на Српската напредна партија (СНС), покраинските, градските и општинските одбори на напредњаците во Ниш, Белград и Нови Сад, одбележување на годишнината на Социјалистичката партија на Србија (СПС) и тивкото престројување во редовите на целата опозиција наговестуваат динамична и активна политичка есен. Почетокот на кампањата се чувствува насекаде, па може да се добие впечаток дека граѓаните ќе излезат на гласање пред новата година, пишува Политика.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претходно изјави дека претседателските и предвремените парламентарни избори ќе се одржат најдоцна на 3 април 2022 година.