На денешната седницата на Судскиот совет, при изборот на судии во Апелационен суд Скопје повторно беше направено отстапување од ранг листата на кандидатите, без притоа да бидат дадени соодветни образложенија за секое отстапување, односно за секој кандидат поединечно, наведува Коалицијата Сите за правично судење во соопштение до јавноста, објави Либертас.

Наместо ова, стои во соопштението, членовите на Советот само констатираа дека поради пропусти во методологијата за рангирање на кандидатите, „пресудни ќе бидат други параметри и критериуми“, без воопшто да се наведе кои критериуми и врз основ на кој пропис.

-Коалицијата неколку пати до сега реагирала на тоа што Судскиот совет отстапува од воспоставената ранг листа на кандидати за судија во повисок суд, без притоа да даде какви било појаснувања за отстапувањето. Во таа насока, Советот е исто така постојано критикуван од страна на граѓанскиот сектор за отсуството на образложенија на гласовите дадени против некој кандидат, како и за општите, генерички и апстрактни образложенија дадени на одлуките за избор, кои практично се повторуваат за сите кандидати, наведува Коалицијата Сите за правично судење.

Kонечно, додаваат оттаму, 73 отсто од судиите во последните истражувања истакнале дека не веруваат дека изборот на судии во повисок суд се врши врз основ на објективни критериуми.

-Сѐ ова наведува на заклучокот дека Судскиот совет мора итно да направи промени на оваа своја практика, доколку за истото има волја и капацитет, наведува Коалицијата Сите за правично судење.

Судскиот совет денеска ги избра Габриела Гајдова, Александра Ристевска, Весна Димишкова и Осман Шабани за судии од кривична област во Апелациониот суд Скопје. Со тоа, Судскиот совет го екипираше Апелациониот суд Скопје со вкупно осум нови судии, откако претходно на денешната седница, избра и четворица судии од граѓанската област – судиите Александар Шопов, Ирена Костадинова Ангелова, Наталија Донева и Илир Сулејмани.