Според Елена Чагороска, раководител на Архивот, документите се значајни за нашата историја и за идентитетот, зашто се добиени за Илинденското востание, за 11 Октомвреи – почетокот на Народното востание, за борци, народни херои, за општествениот живот во градот. Ова е и поттик за граѓаните да ги даруваат семејните документи кои грижливо ќе се чуваат и ќе помогнат во нови истражувања.

Чагроска изјави дека денеска се одбележува 66-годишнината на Архивот, ден кога се направија, како што вели таа, првите значајни чекори за нашето минато, за нашата историја, за науката и културата.

-Отворањето на прилепскиот архив значеше институционално создавање трезор со документи и материјали кои се многу битни, а се однесуваат на нашите историја, култура, традиција, за значајни историски личности и поединци кои ја збогатуваат историјата на македонската држава. Досега се постигнати значајни резултати. Годинава ја одбележа 65-годишнината скромно, поради пандемијата, сепак значајно. Беа објавени документи и фотографии од Прилепско и Крушево од Илинденскиот период и со видеопрезентација беше отворена манифестацијата „10 дена Крушевска Република“.  Стекнавме голема доверба кај граѓаните за да посакаат да ни доверат значајни документи од нивните семејства, а ќе сведочат за нашата историја и идентитет. Со оваа лична документација ги дополнуваме фактите за нашата историја, рече Чагроска.

Посочи дека ова е и апел до граѓаните да им подарат лична документација, а тие сериозно и посветено, истакна таа, ќе ги чуваат во нивните депоа.

-Марија Белокапоска ни подари значајни документи, скици од наш познат прилепски уметник, Слободан Михајлоски. Има и друга документација, од турскиот период. Од Крушево ни стигна значајна документација од периодот на Илинденското востание потоа. Ставре Шапе Здравески донесе документи и списи од неговиот дедо, учесник во Илинденското востание. Меѓу нив е и фотографија на Горското начелство од Крушевската Република на која се значајните илинденци.  Имаме добиено многу приватен архивски материјал. Нашата екипа е на теренот и радува што граѓаните сакаат да ни го доверат. Годинава сестрата на народниот херој Рампо Левката, Блага, ни подари документација, потоа материјал од фамилијата Клисароски за прилепската чаршија, па материјал за Душко Наумоски, режисер, но и учесникот во нападот на Участакот на 11 Октомври, борецот од одредот „Гоце Делчев“ кој го уби стражарот на тогашната полициска станица и со чиј истрел е означен почетокот на Народното востание. Документацијата содржи факти за текот на настаните по тој храбар чин, објаснува Чагороска.

Крушевчанецот Ставре Шапе Здравески е горд на својот дедо илинденец и смета ќе помогне со фактите за Илинденското востание и за револуционерите.

– На прилепскиот архив му донирав материјали од мојот дедо Никола Шапрдан-Шапе Здравески. Дедо ми беше началник на тајната полиција на Никола Карев, претседателот на Крушевската Република. Имаше своја чета од 40-ина луѓе. Ги донирав на архивот каде се стручни. Ги поттикнува сите да донираат, да се зачуваат документите, за луѓето да не ги заборават нашите револуционерни дејци, да ги имаме историските документи за нас, за идните генерации. Ова може да ги поттикне истражувачите да ја документираат поцелосно Илинденската епопеја и Крушевската репуплика, изјави Здравески.

Марија Белокапоска од Прилеп на архивот му предаде документи и скици од уметникот Слободан Михајлоски и документи од турскиот период од семејството Белокапоски.

– Сакам ова да биде поттик за граѓаните да ги даруваат документите за да се осознае повеќе за значајните. Благодарност изразувам до сопругата на Слободан, Благородна, до неговота сестра Паце и до семејствата Михајлоски и Расолкоски кои несебично ги даруваа документите. Државниот архив е чувар на нашата историја и се надевам дека сите ќе даруваат за обликување на минатото и сегашноста, за да ги спознаеме нашите истакнати личности од сите сфери на живеењето, рече Белокапоска.

Архивот во 2022 година ќе издаде книга-документи со која ќе се комплетира Илинденскиот период.