Јато птици сериозно го оштетило крилото на патнички авион на турската авиокомпанија „Пегасус ерлајнс“ (Pegasus Airlines). Инцидентот се случил при полетување од аеродромот во Истанбул, поради што пилотот морал итно да изврши принудно слетување, објави весникот „Јени Акит“.

Несреќниот настан се случил за време на процедурата за искачување на леталото по полетувањето од пистата, на редовниот лет кон Амстердам. Јатото птици му го пресекло патот на авионот во воздух, а при директниот судир крилото било делумно уништено до степен што го довел во прашање безбедното продолжување на летот.

Благодарение на присебноста и навремената реакција, пилотот веднаш побарал и добил одобрение од контролната кула за вонредно принудно слетување на истиот аеродром во турската метропола. На пистата авионот по слетувањето го пречекале подготвени екипи за итни интервенции и специјализирани противпожарни возила.

Патниците од оштетениот воздухоплов набрзо биле безбедно префрлени во друго летало. И покрај претрпениот инцидент и доцнењето од неколку часа, тие го продолжиле своето патување кон крајната дестинација во Холандија, посочуваат медиумите.