Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски се обрати во седиштето на Обединетите нации во Женева, каде што побара заштита за македонската заедница во Албанија. Тој алармираше за континуираните обиди за асимилација со кои се соочуваат припадниците на ова малцинство.
Состанокот во Женева беше организиран од страна на специјалниот известувач на ОН за прашањата на малцинствата, Николас Леврат. Стерјовски таму зборуваше во име на македонската заедница, издвојувајќи ги актуелните предизвици во контекст на процесот за зачленување на Албанија во Европската Унија.
Во своето обраќање, Стерјовски истакна дека Македонците се автохтоно национално малцинство во Албанија, лојални граѓани кои ги почитуваат државните институции и активно придонесуваат за развојот на општеството, но се соочуваат со директни закани врз нивниот национален идентитет.
Тој изрази длабока загриженост поради зголемениот политички притисок од страна на официјална Софија врз властите во Тирана, посочувајќи дека Бугарија ја користи сопствената позиција како членка на ЕУ за унапредување на своите интереси во регионот.
Стерјовски ги образложи обидите за наметнување бугарски идентитет преку промоција на тези дека Македонците во Албанија се Бугари, поткрепени со материјални стимулации и институционални механизми.
„Неприфатливо е европските аспирации на Албанија да се користат како средство за притисок врз земјата да прифаќа политики што придонесуваат за асимилација на македонското малцинство. Македонците во Албанија не смеат да станат колатерална штета во процесот на европска интеграција на Албанија“, нагласи Стерјовски.
Претседателот на МАЕИ подвлече дека малцинските права не смеат да послужат како геополитичка алатка, потенцирајќи дека секој граѓанин има неприкосновено право слободно да се самоопределува без надворешни влијанија.
Меѓу долгогодишните пречки со кои се соочува заедницата, тој ги наведе отсуството на соодветна државна поддршка за културата и јазикот, ограничениот пристап до настава на мајчин македонски јазик, како и недоволната политичка застапеност при донесувањето на одлуките.
На крајот од своето обраќање, Стерјовски апелираше до специјалниот известувач Леврат да иницира комуникација со властите во Тирана за целосно почитување на меѓународните правни обврски за заштита на малцинствата.
