Министерството за внатрешни работи соопшти дека приведени се двајца мигранти од Авганистан кои пренеле тројца мигранти од Конго, Камерун и Брегот на Слоновата Коска од Атина, Грција до Куманово, со цел нивно прифаќање и времено засолнување на подрачјето на Куманово (атар на селата Лојане и Ваксинце), а оттаму нивно пренесување преку македонско-српската граница до државите на ЕУ.

– На 13.04.2022 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против М.Б и Ф.Х., двајцата од Авганистан, за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“, предвидено и казниво по член 418-б став 2 в.в став 1 од Кривичниот законик, се вели во соопштението на МВР.

Кривично пријавените лица М.Б. (27) и Ф.Х. (30), според МВР, по претходен договор за сума од 800 до 1.000 евра по лице, ги прифатиле илегалните мигранти на претходно утврдени и договорени локации во Атина и организирале нивно префрлување со возило до локација во близина на грчко-македонската гранична линија, по што пеш нелегално преминале на територијата на нашата држава и ги одвеле до кумановскиот регион, за нивно понатамошно пренесување во Р.Србија.

Од страна на судија на претходна постапка, на двете кривично пријавени лица им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.