Јавното обвинителство сооипшти дека ОЈО Куманово поведе постапка против државјанин на Пакистан кој на 18 јули оваа година, околу пладне, во планинскиот предел на место викано „Под камен“, во атар на село Лојане, општина Липково, во состав на група со уште девет НН лица, со употреба на сила и опасно орудие од друг одзеле туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвојат.
-Осомничениот заедно со другите лица од групата пресретнале мигранти кои се движеле пеш во село Лојане, по што упатувајќи закани кон оштетените започнале со метални шипки да ги удираат оштетените по главите и телата. Притоа од секој од оштетените одзеле пари во износ од 600 до 800 евра, а од дел од нив и златен накит кој оштетените го носеле со себе. Осомничениот заедно со други засега непознати лица од групата, ги задржале оштетените заканувајќи им се по живот, се до моментот кога биле откриени од страна на полициските службеници по што непознатите лица од групата се разбегале во непознат правец, а осомничениот бил фатен од полициските службеници, појаснуваат од ЈО.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до Судијата на претходна постапка при Основниот суд во Куманово поднел Предлог за определување на мерката притвор против осомничениот, а судијата на претходна постапка му определил притвор во траење од 30 дена.