Контроверзниот српски бизнисмен Предраг Колувија, обвинет во Србија за нелегално производство и чување марихуана, во моментот кога го апсела полицијата, бил на пат за Македонија да аплицира за почесен конзул на нашата држава во Србија, откри самиот тој минатата недела во првото интервју откако по речиси две години беше пуштен во домашен притвор, пренесува „Призма“.
Полицајците, во ноември 2019 година, неколку дена по апсењето, на неговиот имот близу Белград откриле нешто повеќе од 60 000 билки, кои речиси сите, според обвинението, имале поголема концентрација на халуциногената супстанција ТХЦ од дозволеното.
Сѐ до апсењето беше еден од сопствениците на две фирми во Македонија за легално производство на канабис за медицински цели. Бргу потоа македонските власти ѝ ја одзедоа лиценцата на фирмата што веќе произведуваше марихуана близу македонското село Росоман, со образложение дека не водела евиденција за секое стебло канабис, што е строга законска обврска.
БИРН овие наводи ги објави пролетва во истражување, потенцирајќи дека македонските власти никогаш не се заинтересирале што се случило со марихуаната за која не била водена евиденција.
Дел од партнерите на Колувија во Македонија имаат бизнис-минато со членови на фамилијата на премиерот Зоран Заев.
На прашањето на водителот дали Македонија му нудела да биде почесен конзул, тој неодредено одговори дека тоа била желба на некои негови пријатели.
Пријателите сметале дека тој е одличен кандидат за почесен конзул поради неговиот економски и политички ангажман во државава.
Контроверзен е и тој негов „политички ангажман“ бидејќи, како што вели во интервјуто, сакал да ги оживее сеќавањата на четниците од Македонија и на тоа дека Македонците се Срби.
Тој, всушност, вели дека бил уапсен на автопат бидејќи српската полиција се плашела дека кога тој веднаш и истиот ден би го добил дипломатскиот статус од Македонија, потоа не би можела така лесно да го притвори или како што тој обвинува – да го зароби.
„А, не оди тоа така. Се аплицира и се чекаш со месеци“, додава Колувија.
Во интервјуто, објавено на 1 октомври на српскиот портал Објектив ТВ, Колувија обвинува дека е жртва на монтиран полициски случај, кој бил резултат на подметнувањата меѓу тогашниот министер за внатрешни Небојша Стевановиќ и актуелниот претседател Александар Вучиќ, двајцата од владејачката партија Српска напредна странка (СНС).