Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, присуствуваше на свеченоста за доделување на наградите во рамки на Националниот форум за младинска работа, која се одржа во просториите на Младинскиот центар во Охрид. По покана на организаторите, Лукровски ја подигна наградата „Младински пријателски град“, со која се препознава заложбата на локалната самоуправа за унапредување на младинските политики, создавање подобри услови за младите и нивно активно вклучување во процесите на одлучување.

Воедно, општинскиот градоначалник учествуваше и на панел-дискусијата посветена на темата „Од закон до локална реалност – Институционална и финансиска поддршка за младинските центри и младинската работа“, каде што беа отворени суштински прашања поврзани со предизвиците за спроведување на законските обврски. Во рамки на дискусијата беа презентирани искуствата на Општина Карпош во поддршката на младите преку обезбедување достапни простори, квалитетни програми, развој на капацитетите на младинските работници и директно креирање локални политики.

Посебен акцент за време на форумот беше ставен и на потребата од посистемска институционална и финансиска поддршка за младинските центри преку континуирано финансирање и долгорочни програми, наместо досегашниот проектен пристап. Инаку, Националниот форум за младинска работа претставува важен чекор кон воспоставување заедничка визија меѓу локалните самоуправи, младинските центри, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Како резултат на заедничките заложби на чинителите беше едногласно усвоена Декларацијата за развој и унапредување на младинската работа, која дејствува како патоказ за идните законски измени и стандардизација во областа. Документот конкретно ги повикува сите општини да преземат чекори за основање и поддршка на младински центри, јакнење на капацитетите на службениците за млади и градење партнерство со новите генерации.

Учеството на Општина Карпош на овој настан и добиеното признание претставуваат силен поттик за продолжување на активностите насочени кон овозможување услови за професионален и личен напредок на младите. Главната заклучна порака од одржаниот форум беше дека квалитетната младинска работа и функционалните центри се клучни за враќање на довербата во институциите и создавање перспективи за останување во татковината.