Газдата на клубот „Пулс“, Дејан Јованов, избегнал казни за незаконито работење откако полициските службеници кои извршиле контрола направиле пропусти при пополнување на записниците, се наведува во обвинителниот предлог против тројца полицајци од Кочани. Наместо точниот назив на фирмата, тие внеле податоци за друга компанија која била неактивна, со што сопственикот бил ослободен од глоба.

Пропусти при службената контрола

Според Обвинителството, полициските службеници биле должни да побараат на увид релевантни документи од клубот и прецизно да ги внесат податоците во записникот. Наместо тоа, тие запишале информации кои им биле усно диктирани, а кои се покажале како неточни. Во обвинението е опфатен и нивниот претпоставен, кој не извршил проверка на составените записници.

Тројцата не признаваат вина

На првото судско рочиште, сите тројца обвинети изјавиле дека не се чувствуваат виновни. Доколку Обвинителството докаже дека при двете контроли сториле службени пропусти, на обвинетите им се заканува казна затвор до три години.