Судењето за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, меѓу нив и деца, а повеќе од 200 беа повредени, денеска продолжи во судницата во Идризово со нови расправии и сериозни реакции од сите страни. На рочиштето се очекува обвинетите да се изјаснат за вината, додека одбраната и обвинителството го отворија процесот со сосема различни позиции за доказите, одговорноста и текот на постапката.
Обвинителството уште на минатото рочиште порача дека ќе бара лична и институционална одговорност за секој што дозволил, премолчел или не спречил да се случи трагедијата. Обвинителот Борче Јанев во својот воведен говор ја испрати пораката дека општеството мора да се соочи со суровата вистина и да добие јасни одговори за пропустите.
„Не е важно само кој го запалил огнот важно е кој имал кофа вода и не ја истурил“, изјави Јанев, нагласувајќи дека трагедијата не произлегла само од пиротехниката, туку од долги години институционален молк, системски пропусти и целосно отсуство на инспекциски надзор, што го претвориле клубот во „смртоносна стапица“.
Постапката ја води судијката Диана Груевска Илиевска, а предметот го застапуваат 15 јавни обвинители. Таа уште на првото рочиште најави дека ќе бара максимална дисциплина и дека ќе санкционира секое неоправдано одложување.
Но денешното второ рочиште донесе силни реакции од одбраната, која обвини за хаотична и несредена документација. Адвокатката Сузана Јошевска истакна пред судот дека доказите се доставени во електронска форма, превртени, без можност за ротирање, без нумерација и без јасно структурирање. Таа посочи пример каде исказ од сведок се нашол во фолдер означен како градежна документација, што според неа ја отежнува подготовката на одбраната и фрла сомнеж врз процедурите.
Одбраната на обвинетиот Михаил Јованов предложи дополнителни девет сведоци, посочувајќи дека првично биле предложени 283 сведоци во обвинителниот акт, но во пречистената верзија бројката е сведена на 25, што го отвора прашањето за доследноста и транспарентноста на процесот.
Во продолжение се очекува обвинетите формално да се произнесат за вината, а судењето да влезе во фаза во која ќе се отвораат клучните прашања за причините, пропустите и институционалната одговорност за најголемата клубска трагедија во земјата.
