2019 година не е така далеку, но оттогаш расположението на народот нагло се сврти против СДСМ и во подем е опозициски бран. Силјановска – Давкова влегува во трката за претседател како најсериозен кандидат, а за финалните анкети потребно е да знаеме со кој ќе настапат социјал-демократите.
СДСМ сè уште тактизира
Анкетите не одат во прилог на СДСМ, па можеби и токму затоа СДСМ сè уште тактизира. Актуелниот шеф на државата Пендаровски не е дефинитивен кандидат за претседател на Социјалдемократите. За неговата кандидатура сè уште не се изјасниле партиските тела – вели првиот човек на СДСМ, Димитар Ковачевски. Тој најави дека деновиве ќе се разгледува предлогот Пендаровски повторно да влезе во претседателската трка.
Ковачевски вели дека крајниот збор го имаат членовите, па затоа ќе се разгледува на извршен и централен одбор.
„Стево Пендаровски е сериозен кандидат, СДСМ разговара, но нема дефинитивен кандидат за претседател. Во однос на другите кандидати, можам на сите да им посакам успех, да посакам фер и демократска кампања“, кажа Ковачевски.
ДУИ бара претседател Албанец
За интегративците е дојдено време, претседател на државата да биде Албанец. Според нив, шефот на државата наместо на непосредни избори, треба да се бира во Собранието со двотретинско и со Бадинтерово мнозинство.
„Сржта на идејата на лидерот Али Ахмети е изборот на претседателот на државата во Собрание со двотретинско мнозинство на гласови и со Бадинтер, за да се обезбеди општествен, натпартиски консензус за да се овозможи со над 80 гласови во Собранието и со етнички консензус да се спречи етничко надгласување и наметнување само од двете поголеми македонски политички партии“, изјави Арбр Адеми од ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ со најсериозен кандидат
Силјановска – Давкова од ВМРО-ДПМНЕ смета дека веќе време за акција, не само за зборови. Давкова страсно изјави „Тешко носам одлуки, но стојам зад нив“.
Каде бевте и што направивте за земјата и државата што ви ја обезбедија вашите татковци и дедовци? – вели Давкова
Таа ја истакнува итноста секој поединец активно да придонесува наместо да биде обичен гледач.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски со став дека со идејата која ја промовираат Ахмети и Груби сакаат вечно да владеат. Според него изборите се врвот на демократијата во современото општество.
„Извршната моќ е кај владата и премиерот, но титуларно претседателот е функција број еден во државата и мора да се бира на избори, затоа што тоа е врв на демократијата, така прават најдемократските држави во светот. Секој обид за суспендирање на демократијата е само обид за ставање на народот надвор од процесот на одлучување“, нагласува Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатот на ДУИ, Османи е единствениот албански функционер со отворен предмет во Специјалното јавно Обвинителство – велат од коалицијата на албанската опозиција „Вреди“.
Девет претседателски кандидат, но и иницијативи за граѓански потписи
Левица ќе настапи со професорката Билјана Ванковска, ЗНАМ со нивниот претседател Максим Димитриевски, а во трката влегува и Стевчо Јакимовски од Карпош. Веќе од претходно е познато за докторот Вело Марковски, а во оваа трка ќе влезе и првиот кандидат на Бошњаците.
Освен досега познатите кандидати има и т.н. граѓански потписи. Такви изјави за потписи дале и Томе Николовски, Господин Поповски, Ѓорѓи Манасков и Зорица Цветковска.
Почна собирањето на потписи за кандидатурите. Сите девет кандидати ќе собираат потписи.
Првиот круг претседателски избори ќе одржи на 24-ти април. Изборната кампања почнува 20 дена порано.