Пролетта ги стави градоначалниците на општините пред предизвикот соодветно да се справат со зелените површини, хигиената и комуналните активности за почисти улици, паркови и јавни површини.
Првиот човек на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски во „полн ек“ работи оваа пролет. Во општината ќе никнат три паркови и тоа на три различни локации: Реонски центар Аеродром (зад трговскиот Лиса) и уште еден во Лисиче и Стар Аеродром.
Она што е значајно за аеродромци е тоа што овие паркови веќе оваа пролет ќе им бидат на располагање и ќе бидат вистинско место за уживање на сите генерации.
Од маркици за згради до зелени површини – парк зад ТЦ Лиса
Паркот кај трговскиот центар „Лиса“, познат под името „Радост“ се одолговлечи, а постапката за негова изведба трае подолго од вообичаено. Од Општината уверуваат дека нема простор за паника, а ваквиот исход е заради тоа што за реализација се вклучени повеќе партнери и тоа дополнително влијае врз неговото пролонгирање.
Таму досега завршен е ископот на земјените работи, поставена е хидрантска мрежа, а во моментов се поставуваат електричните инсталации. Во текот на следниот месец ќе почне изведбата на пешачките патеки, по чие завршување ќе се пристапи кон хортикултурно уредување на просторот и засадување на зелени садници.
Парк на влезот во Лисиче
И населбата Лисиче нема да биде изоставена. Муцунски најави дека се добива нова зелена, урбана површина на простор од 1000 метри квадратни.
Се раззеленува Стар Аеродром
Во текот на вчерашниот ден, Муцунски најави чиста општина, здрава животна средина и нови зелени површини во Аеродром.
Заедно со јавното претпријатие за комунални дејности, оваа недела хортикултурно уредуваме уште една површина во Стар Аеродром, каде работиме на раззеленување на еден од најголемите паркови во овој дел од општината, пишува тој.
Нов проект во паркот Бојмија
Освен овие паркови, во паркот Бојмија се прават реконструкции. Како што пишува градоначалникот, проектот за Бојмија опфаќа целосна реконструкција на детското игралиште и фитнес просторот, изведба на ново фудбалско игралишта со вештачка трева и атлетска патека, целосна реконструкција на урбаната опрема, како и уредување и пуштање во употреба на фонтаната.