Јазикот се чува и со она што првпат ќе се изговори на него, порача Раде Силјан на свеченоста одржана во просториите на Друштвото на писателите на Македонија. Поводот за собирот беше промоцијата на неговата најнова книга „Поетски облици на времето“, издадена од „Матица македонска“, со која истовремено се одбележаа четириесет години од појавата на неговото прво критичко-есеистичко дело „Пронајден облик“ од 1986 година.
„Сакам на македонски да се пишуваат и книгите што денес уште не умееме да ги замислиме. Да има млади луѓе што со доверба ќе пишуваат на овој јазик и ќе кажат нешто што ние не сме го кажале“, истакна Силјан.
Авторот ја нагласи моралната и професионалната одговорност на етаблираните книжевници да отвораат простор за младите генерации и со сериозно внимание да го следат нивното творештво. Подготвувајќи го ова најново издание, Силјан одново ги читал македонските автори и ги ревидирал сопствените претходно изградени критички судови, при што дел од ставовите биле потврдени, дел побарале надополнување, а познатите стихови добиле сосема нова димензија низ животните разделби, загуби и радости.
„Понекогаш еден стих го разбираш дури откако животот ќе те донесе до него“, рече тој.
Книгата содржи критички огледи посветени на триесет македонски поети, како и опсежни разгледувања на постарото домашно книжевно наследство. Структурирана во шест тематски целини, таа го следи континуитетот на пишаниот збор почнувајќи од средновековните текстови и Преродбата, сè до современите поетски текови во 21 век. Силјан посочи дека суштината на критиката е да го поттикне читателот самиот да ја истражи поезијата, да пронајде нови значења или отворено да изрази критичко несогласување.
„Верувам дека на книжевноста ѝ требаат луѓе што умеат да се израдуваат на добра книга потпишана со туѓо име“, порача Силјан.
Во своето обраќање, тој го истакна универзалниот капацитет на македонскиот поетски израз да воспостави духовна врска со луѓе од различни јазични и географски средини.
„Некаде некој ќе препознае своја болка во збор напишан на македонски. Во тој миг, нешто од нашиот живот ќе стане дел од неговиот“, рече Силјан.
Свеченоста се совпадна и со одбележувањето на триесет и пет години од основањето на издавачката куќа „Матица македонска“. Издавачката дејност Силјан ја опиша како долгорочен влог чија крајна цел е секоја книга да го пронајде оној читател на кого му е насушно потребна, дури и децении по нејзиното објавување.
За вредностите на „Поетски облици на времето“ говореше Димитар Пандев, додека пред присутните се обрати и Иван Антоновски, кој е уредник на книгата и автор на поговорот насловен „Мерата на времето, обликот на вредноста“. Модератор на настанот беше Марина Мијаковска, која воедно ја пренесе честитката од раководството на ДПМ.
„На тие идни книги им се радувам однапред. Во нив ќе продолжи и разговорот што го водиме денес. Македонската книжевност заслужува иднина поголема од нашите биографии“, порача Силјан.
