Кушнер се повлекува во екот на огромен скандал!

Компанијата „Афинити партнерс“, кооснована од зетот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, одлучи да се повлече од проектот за изградба на луксузен хотелски и станбен комплекс на местото на бомбардираниот Генералштаб во центарот на Белград. Одлуката доаѓа во екот на сериозен скандал што ги поврзува српските функционери и институции со фаворизирање на инвеститорот, објавија белградските медиуми, а потврда стигна и од самата компанија за порталот Н1.

Закон, истраги и јавни протести

Проектот предвидуваше изградба на луксузен комплекс „Трамп“ на локацијата на Генералштабот на поранешната ЈНА, уништен во НАТО-бомбардирањето во 1999 година. Со силна поддршка од српскиот претседател Александар Вучиќ и владејачката СНС, парламентот усвои посебен закон со кој се дозволи градба во зона со статус на заштитено културно наследство.
Процесот беше проследен со скандал околу фалсификување на одлука во Републичкиот завод за заштита на спомениците, со која зградите на Генералштабот и Министерството за одбрана биле избришани од регистарот на културни добра. Обвинителството за организиран криминал покрена постапка против в.д. директорот на Заводот, Горан Васиќ, а обвинение е поднесено и против министерот за култура Никола Селаковиќ. Во меѓувреме, проектот стана повод за масовни јавни протести и силно незадоволство во Србија.

Реакции од инвеститорот, Вучиќ и меѓународната јавност

Од „Афинити партнерс“ соопштија дека се повлекуваат од проектот „од почит кон граѓаните на Србија и градот Белград“, нагласувајќи дека значајните проекти треба да обединуваат, а не да разделуваат. Американскиот експерт за Балканот, Едвард Џозеф, изјави дека случајот бил отворен и во Конгресот на САД, при што биле поставени прашања за начинот на постигнување на договорот и можноста српските власти да ги исполнат преземените обврски, имајќи го предвид силното противење во јавноста.
Претседателот Александар Вучиќ, пак, оцени дека Србија изгубила инвестиција вредна најмалку 750 милиони евра, обвинувајќи го Обвинителството и антивладините протести за повлекувањето на инвеститорот. Тој најави кривични пријави против, како што рече, сите кои учествувале во „уништувањето на инвестицијата“, истовремено отфрлајќи ги обвинувањата за корупција и тврдејќи дека „никогаш немало корупција, ниту пак постоела таква намера“.