Јас сум сепак непоправлив оптимист. Ние сме тоа, што постојано го правиме. Или што би рекол Новак, мора да победиме, инаку имаме проблем. Или како што Винстон Черчил кажал: “Ставот е мала работа, која прави голема разлика, нели? Ако одите низ пеколот, само продолжете”. Ќе оперирам до крај.

Пишува: Сашко ЈОВЕВ, кардиохирург на скопската клиника за Кардиохирургија за Фокус.

Постои еден јазичен термин „лакрдија”. Сметам дека ова е токму тоа. Како времето одминува, си велам, јас сепак некако многу направив за оваа земја, за нашата медицина, наука, јавно здравство, за младите. Треба да сум навистина среќен, да не звучам нескромно.Ќе ме запрашате зошто мислам така?

Сега ќе Ви кажам.

Прво, затоа што после се што се случи (ненадејно и злобно), јас добив екстремна поддршка од нашиот народ, од пациентите, од младите, од колегите итн. Добив искрена и бурна, спонтана и без задни намери (како на оние кои што ја режираа мојата смена), поддршка од граѓаните на оваа земја, на кои што им здодеа од дворски игри, комбинации и растурање на се што е нормално и добро, на се што и малку ќе покаже нота на прогресивност, чесност и непризнавање на лажни авторитети.

А, второ? Второто е дека кога ќе и паднете во очи на одредена лоби група, дефинирана на некоја основа, позната и непозната, чиј што исконски двигател е интересот или љубомората, лоби група која на најбезобразен начин ќе направи се, за да ви застане на патот на напредокот и доброто, е тогаш….тогаш навистина сте постигнале нешто.

Или веќе тривијалното : Тоа е оваа „чудесна” земја.

НА НЕКОИ МЕСТОТО ИМ Е ВО САПУНИЦИТЕ, НЕ НА КЛИНИКИТЕ И ФАКУЛТЕТИТЕ

Искрено, мене ни на крај памет не ми паѓаше дека би се случило вакво нешто. Видете, јас не сум човек кој размислува на тој начин, начин да се направи некому пакост, да се планира такво нешто, а најмалку да се ужива во сето тоа. Но, ете, оваа земја е земја во која што токму такви луѓе битисуваат. И не само тоа, туку се наоѓаат и на разноразни функции.

Луѓе, на кои што пакоста им е послатка од напредокот, учењето и работата. Луѓе кои што својата енергија, ја насочуваат кон такви работи. Луѓе и лоби групи, на коишто местото им е во сапуниците, а не на клиниките, на факултетот или во институциите на власта.

Мојот став е фронтален и чесен, и токму затоа не би можел да насетам пакост, а особено не од оние кои си ги создавал и негувал.

Во другите земји не постојат работи кои се граничат со здравиот разум, таму постои концепт, таму постои континуитет и таму не постои политика или „политиканство” во науката и медицината. Таму шефот го избира бордот на болницата составен од доктори, преставници на Универзитетот, други видни интелектуалци, обични граѓани, пензионери, преставници на градот и разни други општествени здруженија.

Таму, доколку шефот на клиника е успешен, работи и воведува најтешки процедури, носи нова опрема и дивајси, едуцира млад кадар, спремен е да понесе одговорност за се и едноставно го посветил животот на клиниката и пациентите, не се менува така лесно, дневно политички или заради „пуста” желба на роднините на моменталните моќници.

Таму, шефот се избира од редовите на најискусните. Секако треба да е Професор и главно не постојат мандати, туку истиот се избира нешто после педесеттата година од животот, како зрел и искусен и ја води клиниката до своето пензионирање. Потоа, повторно истото.

А, што се случи кај нас? Се случи “ bring a friend, if you have one”. Без да се размислува, без да се има почит, без воопшто да се помисли каква порака ќе се остави, а уште помалку што нормалниот свет ќе помисли. Но, во светот, има и нешто поважно. Важно е педигрето, професинално, човечко, па ако сакате и фамилијарно. Така знаеме со кого си имаме работа.

Но, тоа е во „нормалните” земји. Ние еве 33 години се бориме да се здобиеме со тој епитет, но никако не оди. А, се разбира, не е да не оди затоа што се нема потенцијал, туку затоа што никогаш немаме прави луѓе на прави места. А, доколку се најде некој таков, се разбира треба да се отстрани. И потоа?

И потоа се повеќе и повеќе тонеме, си одат младите, си одат постарите квалитетни кадри, не можејќи да се справат со лошото, не можејќи да се справат со медиокритетите, кои се котат и се котат и кога ги имате на секој чекор, особено на клучни позиции, толку ќе ве „залудат”, што ќе си помислите дека тоа е вистинското, дека така треба. И…и отиде се, тешко дека ќе има назад.

И што би рекол еден млад политичар, кој ретко како кого го ценам (ви кажав, не верувам во нашите авторитети, особено политички), ќе се појави некое „спин” докторче и отиде се “отаде”. Таквите млади луѓе ми даваат искра на надеж.

ИСКРЕНАТА КРИТИКА ВОДИ КОН РЕВОЛУЦИЈА

Знам само дека искрената критика треба да води кон револуција.

Старите велат „Прости им Боже, не знаат што прават”. Не знам дали за оваа територија, важи тоа.

Благата критика би била дека некој, ако има капацитет, треба да мисли на современите практики на менаџирање кои во суштина се засноваат на стручност, едуцираност и докажаност. Кадрите кои се на средно или почетно ниво, најпрвин треба да се дотеруваат до ниво на максимална сигурност. Знаете, професионалноста пред се ја опишува моделот на life/time/option, т.е. спасување на човечки живот, правиот и ургентен момент на реакција и опцијата на стручност и докажаност.

Но, ако некој не разбира, како ќе му докажете?

Оваа „местенка“ кон мене, јас и многу стручни лица, не ја сметаме за неуспех, туку дополнителен мотив да се чекори сигурно и достоинствено понатаму. Времињата брзо се менуваат, некои работи „допрва” следат на ова лажливо, се надевам не за долго, тло.

Видете, овде се мрази секој кој е успешен. Ние овде, немаме систем на вредности. Тоа е пораз на нашиот ментален склоп. Нашата криза на „духот” како да нема крај.

До пред кусо време имав многу да им порачам на младите. Сега веќе искрено немам порака. Пораката ја дадоа оние кои ме разрешија. Се надевам дека некоја друга „опција” ќе им даде надеж, дека можеби понекој и ќе остане во ова парче напатена земја, која дефинитивно не го заслужува ова што и се случува.

И се случува интелектуална и човечка катастрофа. Чуму? Како некоја магија да не влече надолу, како да некоја чудна сила, внатрешна или можеби надворешна, да ги избира тие кои не водат кон дното, а има ли уште?

Ќе заборавев, за најмладите. Ќе им порачам да се љубезни кон сите, не се знае кој се ќе заврши на функција овде.

Јас сум сепак непоправлив оптимист. Ние сме тоа, што постојано го правиме. Или што би рекол Новак, мора да победиме, инаку имаме проблем. Или како што Винстон Черчил кажал: “Ставот е мала работа, која прави голема разлика, нели? Ако одите низ пеколот, само продолжете”. Ќе оперирам до крај.