Со едноминутен молк за згаснатите животи на здравите дрвја, а во знак на револт за исечените дрвја на улицата „Орце Николов“, денеска точно напладне на раскрсницата на улицата „Ленинова“ со улицата „Орце Николов“ се одржа протестот во организација на коалицијата на локални граѓански здруженија „Зелен хуман град“.

Активистите и граѓаните најпрвин застанаа во круг околу местото каде што се исечени дрвјата и оставаа цвеќиња, за да им оддадат почит на дрвјата кои како што велат беа последната колатерална штета на разулавената градежна офанзива.

По овој симболичен гест, протестот беше префрлен кај дрвјата во близина на Синдикат кои сè уште стојат, но се планирани за сечење, со цел да се испрати порака кон властите дека е неодржливо и недозволиво да се продолжи со ваквиот екоцид.

– Дали Град Скопје и „Паркови и зеленило“ кога го направија увидот на лице место за состојбата на дрвата, го консултираа зелениот катастар? Злениот катастар кој што вели дека целта му е да му се спречи непотребното сечење и уништување на дрвјата? Лажете ли или не сте координирани? Што е причината незнам но, време е да преземете одговорност! Да престанете да си ја префрлате вината на претходната власт! рече Мила Јовановска, пренесува алфа ТВ.

Од коалицијата „Зелен хуман град“ испратија неколку барања до општина Центар и Град Скопје.

– Бараме да се престане со понатамошно убивање на зеленилото во Скопје, како еден од најзагадените градови во Европа. Бараме одговорност од институциите, бараме да ги објават јавно сите документи со кои располагаат со кои наводно се потврдува дека зеленилото кое што било тука било за уништување и бараме од нив вклученост на граѓаните, навремена, бидејќи сега ни самите жители на улицата, всушност ниту знаат колку дрва се исечени ниту знаеле дека тие дрва ќе бидат сечени. Не е никаде најавено и тие не се информирани. Ако сакаме да живееме во демократска земја каде што навистина се слушаат граѓаните, каде што се владее со сите напредни принципи, со вклученост на јавноста тогаш неможеме да се однесуваме на овиј начин!, рече активстка од „Зелен хуман град“.