Неколку стотици граѓани денеска излегоа на протестен марш низ центарот на Скопје. Тие побараа посериозно санкционирање на фемицидот, институционална одговорност и поефикасна заштита на жените од насилство.

Маршот беше организиран по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојчињата. Движењето започна од паркот „Жена Борец“, а заврши пред Министерството за внатрешни работи.

Учесниците се движеа низ централното градско подрачје, поминувајќи по булеварот 11 Октомври, во близина на Рекорд, како и по булеварот Св. Климент Охридски и улицата Јордан Мијалков.

Демонстрантите извикуваа пораки меѓу кои беа „Ниту една повеќе“ и „Нема да нè снема“. На транспарентите беа испишани пораките „Не е трагедија, фемицид е“, „Не е љубов ако те убива“, „Не сте свесни колку сме бесни“, „Не се откажуваме, ниту една повеќе“ и „Тука сме за вашите ќерки, сестри, жени, мајки“.

Од протестот беше упатен директен повик до пратениците да преземат конкретни чекори за построго законско санкционирање на фемицидот. До институциите беше доставен рок до 10 декември за да започне реализацијата на поставените барања.

Протестниот марш се одржа во организација на неформалната граѓанска иницијатива „Ниту една повеќе“. Организаторите претходно упатија апел за масовност, нагласувајќи дека насилството врз жените не смее да се третира како изолиран случај, ниту пријавите од жртвите да завршуваат без институционален одговор.