Граѓаните од следната недела ќе можат преку мобилна апликација да проверат дали имаат евидентиран сообраќаен прекршок. Преку новата алатка точно ќе се гледа каде е сторен прекршокот и ќе може да се изврши увид во доказите, соопшти министерот Тошковски.

Одговарајќи на новинарски прашања по Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, Тошковски посочи дека дигиталното решение веќе успешно функционира за странските државјани, а наскоро ќе биде целосно овозможено и за домашните возачи.

„Од наредната недела ќе кажеме точно кој ден ќе ја пуштиме апликацијата која ќе им овозможи на македонските граѓани многу поедноставно да видат дали сториле прекршок, каде сториле прекршок и да ги видат доказите“, истакна Тошковски.

Според надлежните, новата дигитална алатка ќе овозможи полесна комуникација со надлежните институции и значително поедноставно постапување во секој случај на изречени сообраќајни санкции.

Истовремено продолжува имплементацијата на проектот „Безбеден град“ во останатите сектори за внатрешни работи низ државата. Следен за воведување на системот е СВР Струмица, каде што проектот треба да биде официјално ставен во функција во првата половина на декември.

По Струмица, системот треба да биде имплементиран и во СВР Штип, најдоцна до јануари, а потоа и во СВР Битола, со што се очекува целосно заокружување на процесот до крајот на февруари.

Резултатите од проектот се веќе евидентни на терен, при што бројот на сообраќајни незгоди со смртни последици бележи пад за 35 проценти.