МВР најави изменет режим на сообраќај поради спортско-рекреативниот настан
Во организација на Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ – Скопје, утре ќе се одржи 14-тото издание на традиционалниот спортско-рекреативен настан „Прв до врв“, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Во рамки на настанот, со почеток во 09:45 часот ќе се реализира велосипедска трка. Трасата ќе започне пред Музејот на град Скопје, а учесниците ќе се движат по улицата „Св. Кирил и Методиј“, потоа лево по булеварот „Св. Климент Охридски“, право по булеварот „Мајка Тереза“, лево по улицата „Тодор Александров“, а потоа по локалниот пат кон Средно Водно и кон врвот на Водно кај Милениумскиот крст.
Велосипедска трка и планинарска тура кон Водно
Со почеток во 10:00 часот ќе се одржи и планинарска тура. Стартот е пред ООУ „Кочо Рацин“ на булеварот „Мајка Тереза“.
Потоа учесниците ќе продолжат по улицата „Тодор Александров“, а кај улицата „Салвадор Аљенде“ движењето ќе продолжи десно по планинската патека кон Средно Водно и понатаму кон Милениумскиот крст.
Поради одржувањето на настанот, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај. Сообраќајот ќе биде пренасочуван по околните улици и булевари.
Од МВР апелираат граѓаните да ги почитуваат наредбите и насоките на полициските службеници на местата каде што ќе се одвива настанот, со цел негово безбедно и непречено реализирање.
