На денешен ден пред 136 години на Дерптскиот универзитет во Естонија, денешен Тарту, беше одбранета првата докторска дисертација посветена на засебноста на македонскиот јазик, изработена од балто-германскиот лингвист Леонхард Готхилф Мазинг.

Леонхард Готхилф Мазинг е роден на 21 ноември 1845 година во селото Мустјала на островот Езел, денешен Саарема во Естонија, како син на свештеник од протестантската црква, а своето високо образование го стекнал на универзитетите во Лајпциг, Гетинген и Дорпат.

Токму на 27 ноември 1890 година Мазинг ја одбранил својата докторска теза посветена на засебноста на македонскиот јазик, насочувајќи го своето научно внимание кон рефлексите ќ/tj и џ/dj, прашање кое во тој период претставувало исклучително актуелна тема во славистичките кругови. Оригиналниот наслов на неговата дисертација гласи „За јазичната определба на македонските Словени“ (Zur sprachlichen Beurteilung der macedonischen Slaven. I. Vertretung von tj und dj, 1890).

Веќе следната година Мазинг објавил и дополнителна научна студија посветена на спецификите на македонскиот акцент насловена како „Фонетиката и акцентот на македонскословенските дијалекти. Прилог кон нивната критика“ (Zur Laut und Akzentlehre der macedoslawischen Dialekte. Ein Beitrag zur Kritik derselben, 1891).

Во текот на својата четиридецениска академска кариера, Мазинг повеќе од 45 години предавал на Универзитетот во Тарту на Катедрата за споредбена граматика на словенското наречје, каде што држел курсеви по споредбено-историски граматики на индоевропските јазици, словенските наречја, црковнословенскиот јазик, јужнословенската дијалектологија и источноевропските јазици, од каде што произлегол и неговиот траен интерес за посебноста на македонскиот јазик.

Преку својата докторска дисертација и подоцнежните научни трудови, Мазинг дал клучен поттик за развојот на македонистиката кон крајот на XIX век, привлекувајќи научници посветени на Кирило-методиевската традиција, култура и етнолингвистика, останувајќи настрана од тогашните политички пропаганди.

„Во денешниве услови кога Македонија не е независен политички субјект, за нас (лингвистите) важат нејзините етно-историски граници за дефиниција на јазикот!“, напиша Мазинг во 1890 година.

Истакнатиот лингвист починал на 4 април 1936 година во градот Тарту, оставајќи значајно научно наследство зад себе.

Во знак на признание за неговиот научен придонес, во 2015 година во Универзитетската библиотека во Тарту беше отворена посебна изложба посветена на неговиот живот и дело, со што беа одбележани 125 години од одбраната на тезата за македонскиот јазик и 170 години од неговото раѓање, при што беа прикажани и неговите истражувања за географијата, историјата и етнографијата на Македонија.

Автор и иницијатор на таа изложба беше Георги Гоце Дуртаноски, кој архивските материјали ги истражуваше во Државниот архив на Естонија, Универзитетската библиотека, Естонскиот литературен музеј и архивата на Естонската евангелистичка црква.

На свеченото отворање говори одржаа тогашната директорка на универзитетската библиотека Лиси Лембинен, македонскиот амбасадор во Естонија Сашо Велјановски, директорката на Колеџот за странски јазици проф. Љубов Кисељова, славистот Александар Димитриевич Диличенко, естонскиот амбасадор за Македонија Даниел Шер, почесниот конзул Петер Роуз и авторот Дуртаноски.

Капиталениот научен труд на Мазинг доби свој превод на македонски јазик во 2022 година благодарение на лекторката Бранислава Драговиќ, која го објави изданието „Фонетиката и акцентот на македонскословенските дијалекти“, кое претставува непроценлив прирачник за светската и домашната македонистика.