Рускиот претседател Владимир Путин оствари работна средба со претседателката на Централната изборна комисија, Ела Памфилова, оценувајќи ги неодамнешните избори како успешни. Шефот на руската држава нагласи дека гласањето го потврдило легитимитетот на сите органи на власта во земјата.
Изборите беа организирани на највисоко ниво, вклучително и од правен аспект. Сите членови на изборната комисија се придржуваа и до духот и до текстот на законот, вели Владимир Путин.
Путин упати благодарност до раководството и вработените во комисијата за сработеното и посочи дека биле евидентирани обиди од странство за попречување на изборниот процес. Памфилова информираше дека за првпат 46 учесници во војната во Украина биле избрани за пратеници во Државната дума.
Првата жена на ЦИК нагласи дека институцијата направила максимални напори процесот да не создаде дополнителни ризици за воениот персонал. Таа додаде дека претставници од најмалку 22 европски држави биле присутни во улога на меѓународни набљудувачи, што претставува рекорден број експерти.
Според конечните резултати во новиот состав на Државната дума, партијата „Единствена Русија“ освои 349 пратенички мандати. Комунистичката партија обезбеди 37 места, Либерално-демократската партија 23, „Нови луѓе“ 19, „Праведна Русија“ 17, партијата „Родина“ едно место, додека четири пратенички места им припаднаа на независни кандидати.
