Лицето осомничено дека ги запалило двете службени возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје имало тетоважа со ликот на рускиот претседател Владимир Путин, кого го сметало за свој херој и идол, објави „Слободен печат“, повикувајќи се на добро упатени извори.

Лицето беше идентификувано од АНБ кои експресно брз период ја завршија својата задача.

Мотивот наводно бил непрописното паркирање

Според информациите на медиумот, првичните сознанија укажуваат дека мотивот за инцидентот не бил поврзан со Бугарија. Осомничениот наводно се налутил откако во телевизиска репортажа забележал дека возилата биле непрописно паркирани.

Потоа со автобус пристигнал од Драчево во центарот на Скопје, каде што ги запалил возилата. Изворите наведуваат дека на стомакот имал истетовиран лик од Путин, за кого зборувал дека му е херој и идол.  

МВР го идентификувало и го привело осомничениот

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека пожарот на двете службени возила, сопственост на Бугарската амбасада, бил пријавен во 12:13 часот. СВР Скопје веднаш започнал со интензивни активности за расчистување на случајот и пронаоѓање на сторителот.

За кратко време бил идентификуван и пронајден И.Д. (44) од Скопје, кој бил лишен од слобода и задржан во полициска станица. Полицијата ја пронашла и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршувањето на делото.

Во координација со надлежен јавен обвинител се преземаат дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот, по што против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по итна постапка.  

Случајот отвори дилеми за можните мотиви

Инцидентот ја отвори дилемата дали станува збор за револт поради непрописно паркирање на дипломатските возила или за дејствување поврзано со странски фактор.

На почетокот на март, Агенцијата за национална безбедност, Јавното обвинителство и Бирото за јавна безбедност презеле координирани активности за кривичен прогон на лица и одземање пропагандни материјали наменети за предизвикување етничка и национална нетрпеливост, раздор и омраза.

Според тогашното соопштение на АНБ, лицата опфатени со кривичната пријава печателе и дистрибуирале пропаганден материјал и објавувале содржини на страницата „Историски податоци за Македонија“, со кои се поттикнувала национална и етничка дискриминација. Активностите, според АНБ, биле координирани од бугарски државјанин, кој преку социјалните мрежи и мрежа од информативни портали спроведувал пропагандни активности.