Кинематограферот Џеф Кроненвет, добитник на наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност, одржа работилница на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. На оваа работилница, Кроненвет сподели искуства од својот пат во филмската индустрија, како и спомени од детството и семејството.
Кроненвет се присети на своите најрани години, кога филмскиот сет бил секојдневие за него. На десетгодишна возраст, почнал да експериментира со камерата, снимајќи го својот брат и создавајќи мали сцени. „Татко ми дома носеше камери, па ние бевме субјекти. Кога татко ми го снимаше „Blade Runner“, бев дел од тоа. Тоа беше доста тежок филм, многу ноќи се снимаше. Гледав како снимаат, беше прекрасно искуство“, изјави Кроненвет, кој потекнува од познато кинематограферско семејство во Холивуд.
Неговата кариера го однесе меѓу најзначајните имиња на современата кинематографија, а тој е особено познат по долгогодишната соработка со режисерот Дејвид Финчер. Заедно, тие создадоа визуелните светови на филмовите „Боречки клуб“ (Fight Club), „Социјалната мрежа“ (The Social Network), „Исчезната“ (Gone Girl) и „Девојката со тетоважа на змеј“ (The Girl with the Dragon Tattoo).
Кроненвет е номиниран за „Оскар“ двапати за најдобра кинематографија, и тоа за филмовите „Девојката со тетоважа на змеј“ и „Социјалната мрежа“.
