Во рамки на проектот насловен како „Заедно кон инклузија – градиме мостови, а не ѕидови“, Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ спроведе низа активности насочени кон унапредување на образовната инклузија. Иницијативата е реализирана со поддршка од Министерството за односи меѓу заедниците, со фокус на еднаквоста, недискриминацијата и почитувањето на различностите во образовниот систем.
Главната цел на активностите беше да се развие поинклузивна училишна средина преку подигнување на свесноста, знаењето и позитивните ставови кај децата и просветните работници. Преку организирани едукативни содржини, проектот се фокусира на сузбивање на предрасудите, дискриминацијата и говорот на омраза, овозможувајќи еднакви услови за напредок на секој поединец.
Проектните активности опфатија основни училишта во пет мултикултурни општини, односно во Тетово, Чучер Сандево, Старо Нагоричане, Гостивар и Струга. Истите беа спроведени во ООУ „Братство – Мигени“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Светозар Марковиќ“, ООУ „Единство-Башкими“ и ООУ „Браќа Миладиновци“.
Во текот на месеците октомври и ноември беа организирани вкупно 10 едукативни работилници, од кои пет беа наменети за ученици од петто до деветто одделение, а пет за наставници и членови на училишните инклузивни тимови. Во настаните учествуваа вкупно 156 ученици и 145 наставници, кои работеа на интерактивни вежби, дискусии и размена на практични искуства.
Фокусот кај учениците беше ставен врз градење емпатија, препознавање на формите на исклучување и разбирање на секојдневните предизвици со кои се соочуваат децата со попреченост. Посебен акцент беше ставен на користењето асистивна технологија и остварувањето на правото секое дете да биде рамноправен член на заедницата.
Од друга страна, работилниците со просветните работници имаа за цел да ги зајакнат вештините за препознавање на образовните бариери и потреби, како и воведување индивидуализиран пристап во наставата, адаптација на материјалите за учење и примена на соодветна технологија.
Евалуацијата покажа позитивни резултати кај двете целни групи, потврдувајќи зголемена свесност за прифаќање на различностите и поголема меѓусебна поддршка меѓу врсниците во училниците.
Наставниците истакнаа подготвеност за конкретни промени во нивната секојдневна пракса, наведувајќи мерки како приспособување на наставните средства, употреба на интерактивни методи и поголемо поттикнување соработка меѓу самите ученици, истовремено изразувајќи потреба за континуирани обуки од оваа област.
Резултатите потврдија дека образовната инклузија претставува заедничка одговорност на наставниот кадар, стручните служби, учениците и целата општествена заедница.
„Нашата порака е едноставна: различноста не нè разделува – таа нè збогатува! Заедно градиме мостови на разбирање, почитување и пријателство, затоа што секој ученик е важен и секој заслужува еднаква можност да учи, да учествува и да ги развива своите потенцијали“, порачаа од Здружението „Отворете ги прозорците“.
Проектот се реализираше со финансиска помош обезбедена од страна на Министерството за односи меѓу заедниците, при што содржината на спроведените активности е во надлежност на здружението организатор.
