Претседателот на Бугарија Румен Радев телефонски разговарал со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид за европската перспектива на Република Северна Македонија, соопшти прес-службата на бугарскиот претседател.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, двајцата го осудиле како недозволиво палењето на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола. Според Радев, палењето на културниот центар на македонските Бугари во Битола го извршиле луѓе кои се обидуваат да го попречат процесот на евроинтеграција.
Донфрид го осудила подметнувањето на пожарот, коментирајќи дека целта е да се поткопа преговарачкиот процес меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Радев и Донфрид разговарале и за партнерството меѓу Бугарија и САД во областа на одбраната, како и за последиците од војната во Украина за безбедноста во Источна Европа. Карен Донфрид ја потврдила цврстата посветеност на САД за партнерство со Бугарија за промовирање на безбедноста, демократијата и економските можности меѓу двете нации.