Причината за оваа реакција е информацијата дека темата за европска интеграција на Македонија била централна во разговорите меѓу двајцата шефови на држави и дека Бугарија била под сериозен притисок да даде „зелено светло“ за започнување преговори со Скопје со Европската унија, објавија бугарските медиуми.

Македонскиот премиер Зоран Заев на НАТО Самитот 2021 во Брисел оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев, на која во фокусот била „перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на С. Македонија, а било договорено и Заев оваа недела да ја посети Софија, соопшти македонската Влада.

Радев ја подвлекол „принципиелната и континуирана поддршка“ на Република С. Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кој ќе бидат разрешени отворените прашања и меѓусебните односи, се вели во владиното соопштение.