Како што јави дописникот на МИА во Софија, на средбата меѓу Радев и Ван дер Белен, било истакнато дека европската интеграција на земјите од регионот е во интерес на стабилноста и економскиот развој на Европа.
Претседателот Радев истакнал дека Бугарија принципиелно и доследно ја поддржува европската перспектива на регионот, која, сепак, вели, не треба да биде ограничена на формалните фази во процесот на пристапување и не може да им наштетува на интересите на земјите-членки на Унијата и нејзините вредности. Во врска со постигнувањето напредок во европската интеграција на Република С. Македонија, шефот на бугарската држава изјавил дека очекуваат јасна политичка волја од соседната земја за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави, потпишан во 2017 година.
Двајцата претседатели на Бугарија и Австрија многу сериозно обрнале внимание на темата за проширување на ЕУ кон Западен Балкан.
Радев истакнал дека „иако во Скопје тврдат дека ги исполнуваат критериумите за пристапување, сепак сме сведоци на систематско кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија од бугарско потекло и нивна дискриминација, сè уште има говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавниот простор”.