Зимската служба на Општина Кавадарци работи со полн капацитет на терен. Сите екипи се максимално ангажирани за отстранување на снегот и одржување на проодноста на патиштата низ општината.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, информираше дека зимската служба на Општината е целосно ангажирана и дејствува со сиот свој капацитет со цел да се обезбеди безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во зимски услови.

Во моментов, општинската механизација активно работи на расчистување на патниот правец што води кон Бошавијата и горните села. На овие локации континуирано се спроведуваат мерки и активности за отстранување на снежната покривка и обезбедување непречена сообраќајна комуникација.

Јанчев посочи дека екипите и механизацијата ќе продолжат со активностите на терен согласно временските услови и потребите што ќе се појават во текот на денот.

Истовремено, надлежните упатија апел до сите учесници во сообраќајот да возат со зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината кон состојбите на коловозот и целосно да ги почитуваат зимските услови на патиштата.