Здравствените експерти предупредуваат дека луѓето не треба да се опуштат, иако коронавирусот се чини дека е потиснат, а нивните стравови се поткрепени со зголемувањето на бројот на нови инфекции и смртни случаи во неколку земји во светот.
Велика Британија денеска соопшти дека уште 50 лица починале од Ковид-19, што е најголем број смртни случаи од оваа болест од април.
Додека Владата во Лондон се подготвува да ги укине речиси сите мерки на 19 јули, уште 36.660 нови случаи на зараза со коронавирус се регистрирани денеска, покажуваат официјалните податоци.
Бројот на нови случаи на коронавирус продолжува да се зголемува и во Грција. Регистрирани се 3.109 нови случаи во изминатите 24 часа, најмногу во последните два месеца. Починати се четворица пациенти.
Русија, исто така, забележа нов црн рекорд во бројот на смртни случаи, бидејќи 780 лица починаа во изминатите 24 часа како резултат на инфекција со Ковид-19. Претходно, најмногу смртни случаи беа регистрирани на 10 јули – 752 починати.
Во земјата потврдени се 24.702 нови случаи на коронавирус, а од почетокот на пандемијата се регистрирани вкупно 5.833.175 случаи на инфекција.
Индонезија денеска пријави рекорден број случаи на инфекција со коронавирус, а властите најавија планови да нарачаат течен кислород и илјадници респиратори од странство за лекување на пациентите.
Во оваа држава евидентирани се 47.899 нови случаи на инфекција, што е шести дневен рекорд во последните десет дена, и приближно седум пати повеќе од пред еден месец. Бројот на смртни случаи од коронавирус денеска изнесува 864, а вкупно 68.000 починати од почетокот на пандемијата.