Бројот на повредени по силниот земјотрес што денеска ја погоди југозападна Јапонија продолжува да расте, покажуваат најновите информации од локалните власти и медиуми. Во две болници досега се примени повеќе од 90 повредени лица, а меѓу нив има и пациенти во тешка состојба.
Според јапонската телевизија НХК, откако претходно беше објавено дека повеќе од 50 лица се згрижени во една болница, уште една здравствена установа пријавила околу 40 повредени. Од нив, десетмина се во сериозна состојба.
Локалните медиуми јавуваат и дека неколку патници биле повредени додека се наоѓале во брз воз во моментот кога се случил земјотресот.
Силниот земјотрес денеска го погоди југозападниот дел на Јапонија, при што се урнаа повеќе објекти, а на неколку локации избувнаа пожари.
