Од вчера е отворена и веб-страницата за ревакцинација, за пријавување на лицата кои се вакцинирале во странство. Драстичниот пад на бројките на новозаразени лица, како и се поголемиот број лица кои ја примиле вакцината за надлежните дава голема надеж за конечно стивнување на пандемијата и продолжување со нормален тек на животот.
Комисијата за заразни болести предложи од 1 јуни олабавување на мерките, што подразбира заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни.
Од комисијата предложија и да престане да важи забраната за групирање на отворено. При групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски.
– Да се дозоволи организација на свадби и прослави на отворено со музика, со максимум 50 проценти исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде шест. Спортските натпревари кои се играат на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30 проценти од капацитетот на стадионот. Да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по шест гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат на сила. Полицискиот час останува на сила, се предлозите на Комисијата.
Досега во земјава вкупно се аплицирани 304 904 дози вакцини, а ревакцинирани се 71.060 граѓани.
– Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 429 464 граѓани, информираа вчера од Минитерството за здравство.