Македонската економија во второто тримесечје од годинава забележала реален раст од 4,3 проценти, додека градежништвото пораснало за 21,9 проценти. Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека економскиот раст мора да продолжи и неговите резултати сè повеќе да се чувствуваат во секојдневниот живот на граѓаните.
Мицкоски ги соопшти економските показатели во обраќањето на вечерашниот партиски митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница. Тој истакна дека придобивките од растот треба да се одразат преку повисоки плати, подобро платени работни места, развиена инфраструктура и поефикасни јавни услуги.
„Растот мора да продолжи и резултатите повеќе да се чувствуваат – во повисоки плати во периодот што следи, во повеќе добро платени работни места, училишта, патишта, водоводи, канализации, здравствени установи и јавни услуги што функционираат“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека растот на бруто-инвестициите продолжил и дека главните економски цели на Владата остануваат отворањето подобро платени работни места, привлекувањето инвестиции и унапредувањето на инфраструктурата.
Како дополнителни приоритети ги наведе зајакнувањето на домашните компании и зголемувањето на расположливиот доход на семејствата.
Мицкоски рече дека од доаѓањето на актуелната Влада околу половина милијарда евра биле насочени кон реализација на проекти во општините. Дел од тие средства, според него, биле искористени и за проекти во Општина Брвеница.
Премиерот најави дека се подготвува план според кој следната година би бил објавен нов повик за финансирање проекти во локалните самоуправи.
