Рускиот претседател Владимир Путин денеска ја повтори подготвеноста на Москва за разговори без предуслови со Украина. Изјавата ја даде за време на средбата со специјалниот пратеник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, објави новинската агенција Интерфакс, повикувајќи се на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Средбата меѓу Путин и Виткоф во Москва траела три часа. Според информациите, разговорите биле посветени на американскиот план за ставање крај на војната во Украина.
Американскиот претседател Доналд Трамп, преку објава на платформата Truth Social, оцени дека војната во Украина била „изгубена од првиот ден“. Тој напиша дека „со сето ова нема причина Путин да истрела проектили врз урбаните средини, градови и населени места во последните денови“.
Трамп додаде дека „можеби Путин не сака да ја прекине војната, туку си игра со мене“. Тој повика на примена на „банкарски мерки“ и „секундарни санкции“ како одговор.
„Премногу луѓе умираат!“, напиша Трамп, без да даде директни обвинувања против Русија.
Во истата објава, Трамп наведе дека нема никаква поврзаност со сегашниот конфликт. Тој посочи дека додека тој бил претседател, Украина добивала „Џавелини“, а од администрацијата на Обама добивала „само постелнина“.
Трамп нагласи дека ова е „војна на заспаниот Џо Бајден“, а не негова.
По средбата во Москва, Трамп објави фотографии од состаноците и напиша дека „Русија и Украина се многу блиску до договор“. Тој повика на итна средба на високо ниво за постигнување мировен договор.
„Запрете го крвопролевањето, СЕГА!“, порача Трамп на социјалните мрежи.
Со повторувањето дека Москва е подготвена за разговори без предуслови, Путин ја отвори можноста за нова дипломатска иницијатива во обид да се стави крај на конфликтот.