Министерството за правда изрази загриженост во врска со случајот со Ива Михаилова и нејзиниот прием на високо ниво во Софија, во период кога против неа е на сила активна судска забрана. Од ресорот ја нагласуваат важноста на институционалниот дијалог со цел сите прашања да се решаваат врз основа на законите.
„Владеењето на правото подразбира еднаквост пред законот, почитување на судските одлуки и доследна примена на правните процедури. Националната припадност и државјанството не смеат да бидат основа за привилегиран третман или различна примена на законот“, соопштија од Министерството за правда.
Од министерството потенцираат дека добрососедските односи и европската перспектива наложуваат почитување на домашните и меѓународните правни обврски без селективност.
„Како соседни држави посветени на европската перспектива, имаме обврска односите да ги градиме врз заемна доверба, почитување и ефикасна правна соработка. Тоа подразбира и доследно почитување на правните обврски и независноста на судските постапки“, се додава во соопштението.
Институцијата заклучува дека отворените теми мора да се водат низ редовните меѓународни правни механизми, бидејќи правдата мора да важи подеднакво за сите граѓани без исклучок.
