Во јавноста во изминатиот период се појавија информации и шпекулации поврзани со површинска депонија, која се доведува во врска со изворот „Рашче“, што предизвика загриженост кај граѓаните за безбедноста на водата за пиење. Од Град Скопје информираат дека водата е микробиолошки и хемиски исправна и безбедна за пиење, што го потврдуваат резултатите од редовните анализи.

Депонијата е оддалечена околу 30 километри од изворите „Рашче“

Според информациите од Град Скопје, депонијата за која се зборува не се наоѓа на територијата на градот и е оддалечена околу 30 километри од изворите „Рашче“. Сепак, од Градот посочуваат дека секоја локација што претставува потенцијален еколошки проблем треба соодветно да биде третирана и расчистена. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ќе постапува во рамките на своите надлежности, а Град Скопје ќе даде поддршка за решавање на проблемот.

Секојдневно се контролираат примероци од 36 до 40 локации

Контролите на безбедноста на водата се вршат континуирано, при што секојдневно се земаат примероци од 36 до 40 различни локации низ водоснабдителниот систем. Примероците детално се анализираат во лабораториите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Изворот „Рашче“ е под 24-часовен надзор и обезбедување, со воспоставени мерки за заштита, вклучително видеонадзор и физичко обезбедување. Од Град Скопје апелираат граѓаните да се потпираат на официјалните информации и лабораториските анализи, наместо на непроверени информации и шпекулации.