Станува збор за патеката од пештерата Врело до пештерата Убава, во должина од 0,7 километри како и патеката од манастирот „Свети Андреа“ до клинот до Висок Рид, спроти пештерата Врело, во должина од 3,8 километри.
Градските власти веќе распишаа тендер за изработка на проектна документација за реконструкција на постојните патеки во кањонот Матка. Како што е наведено во тендерската документација, патеките во најголемиот дел се оштетени од поројни дождови, одрони, како и од повеќегодишно користење, поради што се констатирани пукнатини и има одредени оштетувања на заштитната ограда. Притоа, потребно е да се преземат активности за расчистување од грмушки, дрвја, земја, камен и сл.
-Од тие причини потребно е да се изработи проектна документација за реконструкција на посочените патеки. Треба да се даде решение за реконструкција на постојните патеки со потребната структура, димензии и конструктивни детали за извршување на работите кои ќе бидат основа за изработка на техничка документација. Содржината и обемот на предметната техничка документација треба да претставува финален проект со сите потребни елементи, детали и технички делови за изведување на работите – стои во тендерот.
Времетраењето на договорот е шест месеци, а заинтересираните понудите треба да ги достават до 6 мај во 12 часот, кога ќе се спроведе јавното отворање.